Нов удар за Пеп и Сити: Агуеро позитивен на коронавирус

Проблемите во редовите на Манчестер Сити како да немаат крај, затоа што англискиот гигант веќе подолг период мака мачи со заразени фудбалери со коронавирус. 

Откако пред извесен период Пеп Гвардиола не можеше да смета на четворица стандардни првотимци, сега кога се чинеше дека работите ќе се вратат во нормала, доби уште една неочекувана вест. Најдобриот стрелец во историјата на клубот, Серхио Агуеро е позитивен на коронавирус и надвор од стројот на шпанскиот стратег ќе биде во следните две седмици. 

Ова вест доаѓа во незгоден период и за аргентинскиот ас, но и за неговиот клуб. Агуеро поради повреда не настапи на последните пет натпревари на Сити, а само што требаше да им се врати на терените, доби позитивен корона-тест и сега е во изолација. 

Сити во последниот период бележи одлични резултати во Премиер лигата и е стациониран на втората позиција на табелата со 38 бода, само два помалку од градскиот ривал Јунајтед, но има еден натпревар помалку.