• Горан Упале

„Случајот Негреира“ со недели е на насловните страници во Шпанија и скоро сите клубови во Примера ѝ го свртеа грбот на Барселона и побараа Каталонците да бидат најстрого казнети затоа што наводно платиле за подобро судење.
Барселона е во турбoлентен период и сè уште има постапки, во кои сака да докаже дека не е виновна. Од каталонскиот клуб се бара документација која клубот одбива да ја обезбеди, сметајќи дека сето ова е игра за дестабилизација на клубот во периодот кога повторно се врати на врвот на Примера.
Првиот човек на клубот, Жоан Лапорта пред неколку дена изјави дека Барселона сигурно ќе докаже дека таквите обвинувања не се точни, но и дека ќе се одмазди на секој што го нарушил угледот на овој клуб уште пред да се појават какви било докази.
Сепак, шпанските медиуми објавија нови докази кои баш и не им одат во прилог на Каталонците. Имено, тие објавија дека дошле до копија од сметката со која Енрикез Негреира им плаќал на судиите со парите на Барселона.
Тука спаѓаат различни хотелски услуги, викенд одмори, храна, пијалоци во скапи ресторани, луксуз кој ретко кој би го добил. Ова отвора нови сомнежи за Барселона и нивната соработка со судиите, што секако не му оди во прилог на каталонскиот гигант пред новите судски одлуки.
Лапорта најави дека ќе им се одмазди на сите што го понижиле клубот без никакви докази и дека секој клуб и секој човек поради тоа ќе тужи за клевета. Во Барселона, наводно, подготвиле документи кои ја докажуваат нивната невиност и наскоро треба да се докаже дека се валидни.
Тоа не е крај на маките на Барселона, бидејќи од неодамна главна тема е договорот на Гави, кој исто така заврши на суд. И во тој случај Барселона треба да ја докаже регуларноста, а сето тоа по тужбата покрената од Примера.
Доколку „случајот Гави“ не се покаже како валиден, на Барселона ѝ се заканува одземање бодови во тековната сезона.