Нов скандал: Газдата на Салах доби суспензија од турската федерација!

Претседателот на Трабзонспор, Ертугрул Доган, е меѓу 147-те фудбалски функционери во Турција кои добија суспензија од 45 дена поради прекршување на правилата поврзани со обложувањето.

Турската фудбалска федерација (ТФФ) соопшти дека по спроведената истрага е утврдено оти овие функционери ги прекршиле прописите, поради што привремено им е забрането да извршуваат функции во фудбалот.

Уште во септември беше објавено дека 448 лица биле привремено суспендирани и упатени на Дисциплинската комисија за професионален фудбал поради сомневања дека се обложувале додека извршувале службени функции. Истрагата ги опфатила лицата кои во последните пет години работеле во клубови од првите две лиги во Турција. 

Правилата на ТФФ, како и прописите на ФИФА и УЕФА, им забрануваат на фудбалските функционери, исто како и на играчите, тренерите и судиите, да учествуваат во активности поврзани со обложување.

Во случаите на преостанатите лица опфатени со истрагата не биле пронајдени доволно докази за покренување дисциплинска постапка.

Турските фудбалски власти во изминатата година ги засилија мерките против обложувањето. Во ноември минатата година, по претходна истрага, беа суспендирани 149 судии и дури 1.204 фудбалери.