ВИДЕО: Нов шок – Бледата Барса падна кај Хетафе пред „Ел Класико“!

Барселона ги разочара навивачите, го доживеа првиот пораз од Хетафе (1-0) и не успеа да го искористи киксот на главниот ривал Реал Мадрид кој исто така доживеа неочекуван неуспех против аутсајдер.

  • Извештај од натпреварот:

Кадиз го започна првото, Хетафе го комплетира второто изненадување во шпанската фудбалска елита. Избраниците на Куман одиграа еден блед натпревар, не личеа на себе во офанзивата, а за тоа доволно говори фактот дека во 90 минути имаа само еден шут во рамки на голот на домаќинот.

Човек на одлука беше Мата, кој во 56. минута погоди од пенал. Френки Де Јонг направи прекршок во казнениот простор, а одговорноста ја презема Џејми Мата кој важи за еден од подобрите играчи на Хетафе и донесе златни три бода за својот тим. Најдобрата шанса за изедначување Барселона ја имаше во 94. минута, кога шутираше Меси, ама топката профуче крај дирекот.

Хетафе сега е второпласиран со 10 бода, исто колку и Реал Мадрид, Кадиз и Гранада. Барселона, пак, има седум бода, а поразот доаѓа во најлошо време пред „Ел класико“ со Реал Мадрид на домашен терен.