• Саше Љолес
На натпреварот помеѓу Петерборо и Шрузбери во третата англиска лига беше видена сцена која ретко се случува во фудбалот.
Капитенот на гостинскиот тим, Џон Маркис, заработи директен црвен картон само седум секунди по започнувањето на натпреварот, а медиумите во Англија велат дека ова е најбрзото исклучување во историјата на фудбалот.
Маркиз влезе во дуел со Сем Хјуз и го удри со раката, по што противникот падна како покосен на теренот, а главниот судија му го покажа патот кон соблекувалната. Тренерот на Шрузбери и соиграчите жестоко протестираа, но одлуката остана на сила и екипата продолжи со десет играчи. Прекршокот беше сторен во седмата секунда, а црвениот картон е официјално регистриран шест секунди подоцна.
Натпреварот на крајот заврши со победа на домаќинот со конечни 3-1. Претходниот неславен рекорд го држеше голманот на Шефилд, Кевин Пресман, кој беше исклучен после 17 секунди игра на натпревар одигран пред 25 години.