ВИДЕО: Нов пораз на Шкупи, Македонија остана без претставник во Европа!

Фудбалерите на Санта Клара и втор пат го победија Шкупи (2-0), па со вкупни 5-0 се пласираа во следното квалификациско коло за пласман во Конференциската лига на УЕФА. Избраниците на Гоце Седлоски покажаа подобра игра од онаа во Скопје, но немаа сили за подвиг против далеку поквалитетниот ривал, кој за едно полувреме го реши натпреварот.

Иако чаирчани тргнаа добро и по почетната шанса на домаќинот имаа неколку обиди, во главно преку Марко Ѓоргиевски, не успеаја да погодат. Следеше казна на спротивната страна, Карлос Жуниор Карваљо го искористи невниманието и по центаршутот на Линколн погоди за 1-0 во 13. минута.

Шкупи одигра добро, се обиде преку Трапановски од далечина, но голманот Роча беше присебен. Неверојатна одбрана и мал стимул за скопскиот тим беше одбраната на Кристијан Наумовски. Чуварот на мрежата се испружи колку што е долг и одбрани слободен удар кој одеше во самиот агол. Сепак, до полувремето Санта Клара успеа да ја удвои предноста. Стрелец на вториот погодок беше Мигел Виљануева. Стоперот по корнерот на Линколн успеа со глава да ја натскока одбраната и во 38. минута да погоди за 2-0. 

Огромна можност до паузата имаше и Шкупи, преку капитенот Фати Исмаили. По корнер, дефанзивецот на чаирчани со глава го натера Роча на незгодна одбрана, а топката од стативата се одби надвор од мрежата. 

Патникот во следната фаза веќе беше јасен, па момците на Седлоски заиграа без притисок во продолжението. Домаќинот можеби свесно ја препушти топката и играта на средината од теренот, а Шкупи го користеше тоа. Сепак, мрежата на Санта Клара во повеќе наврати остануваше недопрена, главно поради голманот Роча. Најголемата можност ја имаше Матеј Цветановски, откако излета сам на пеналтикот, ама не реализира зицер за почесен гол. Во мирен финиш на натпреварот, во кој домашните фудбалери не беа премногу заинтересирани за напад, шанса за гол имаше и Фреди Алварез, ама и тој не успеа да погоди. 

На крајот, Шкупи доживеја пораз и на Азорските острови, а Санта Клара со вкупни 5-0 патува понатаму. Оваа елиминација на чаирчани значи дека Македонија и официјално остана без клупски претставници во трите натпреварувања на УЕФА.