• Иван Димовски
Фудбалскиот сојуз на Англија го обвини асот на Вест Хем, Лукас Пакета, за вмешаност во обложувачки скандал. Откако на почетокот на сезонава суспензии заработија Сандро Тонали од Њукасл и Николо Фаџоли од Јувентус, сега уште едно име се поврзува со сличен скандал.
Бразилскиот фудбалер на „чеканите“ е мета на истрага за наводно прекршување на законите за спортско обложување, кое на играчите им е строго забрането. Се верува дека Пакета во неколку наврати намерно добивал жолти картони на премиерлигашки натпревари за финансиски бенефит.
„Се претпоставува дека Пакета директно влијаел на натпревари, намерно обидувајќи се да добие картон од судијата. Целта била да се добијат облози и да се направи профит на една или повеќе личности“, стои во соопштението на ФА.
Англиската јавност посочи три ситуации кои веројатно се во центарот на истрагата, а тоа се жолти картони на Пакета во натпреварите против Астон Вила, Борнмут и Лидс Јунајтед.
Бразилецот доби рок до трети јуни да поднесе приговор и да одговори на обвинението. Самиот Лукас Пакета преку социјалните мрежи се произнесе како изненаден за одлуката да биде цел на истрата.
„Навистина сум изненаден и тажен што ФА реши да отвори обвинение против мене. Девет месеци соработувам во секој чекор на истратага и ги изнесував сите информации кои можев. Го негирам делото во целост и ќе се борам да ги тргнам лажните обвиненија од моето име“, напиша бразилскиот ас.
Инаку, Пакета оваа сезона одигра 37 натпревари за Вест Хем на кои даде осум гола и асистира седум пати. Најавите од Англија велеа дека Бразилецот ќе биде главна мета на Манчестер Сити и се споменува зделка вредна сто милиони евра, меѓутоа со овие наводи може и да дојде до пресврт во ситуацијата.