Нов интерес од „чизмата“, Миовски на радар на уште два калчолигаши

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Бојан Миовски, ја игра најдобрата сезона во својата кариера. Младиот напаѓач блеска во дресот на Абердин и можеби е единствена светла точка во турболентната сезона на култниот клуб од Шкотска.

Со своите брилијанти партии и сè почестите реализации, Миовски го сврте вниманието кон себе и веќе наголемо се пишува за неговата следна дестинација. Подолго време се шпекулира дека македонскиот напаѓач и Абердин нема да можат да одолеат на понудите кои што се очекува да пристигнат летово, а сега меѓу кандидатите се најдоа и два клуба од „чизмата“.

Како што пишуваат италијанските медиуми, екипите на Болоња и Специја веќе влегоа во трката за потписот на македонскиот ас. Тие подолго време ги следат настапите на голгетерот на Абердин и сметаат дека токму тој може да биде решение за нивниот напад во иднина. Покрај за Македонецот, двата клуба се распрашуваат и за клупскиот колега на Миовски, Дук, кој исто така игра во одлична форма сезонава.

Миовски е прв стрелец во Абердин со вкупно 17 гола, додека во шкотската Премиер лига е на четвртото место меѓу стрелците, со 15 постигнати гола. Претходно, се пишуваше дека за Миовски сериозен интерес пројавиле уште француски Ремс, римски Лацио, а и премиерлигашот Саутемптон.