Нов играч на пазарот: Нетфликс ги откупи правата за Мундијалот во 2030 година

Стриминг платформата „Нетфликс“ направи голем чекор кон светскиот фудбал, откако ги откупи телевизиските права за Светското првенство во 2030 година на шпанскиот пазар. Ова е прв договор на американската платформа за пренос на машкиот Мундијал, со што дополнително се засилува конкуренцијата на пазарот за спортски содржини.

Договорот ги опфаќа сите 104 натпревари на турнирот на кој ќе учествуваат 48 репрезентации. Од Нетфликс најавија дека секој ден за време на турнирот, по еден натпревар ќе биде достапен бесплатно за гледачите во Шпанија. Дополнително, пакетот со сите натпревари на шпанската репрезентација, двете полуфиналиња и финалето ќе му биде отстапен на еден од националните телевизиски канали во земјата.

Мундијалот во 2030 година ќе го организираат Шпанија, Португалија и Мароко, додека дел од натпреварите ќе се одиграат во Аргентина, Уругвај и Парагвај, по повод стогодишнината од првото Светско првенство.

За Нетфликс ова претставува најголем досегашен исчекор во машкиот фудбал. Платформата во изминатите години сè повеќе инвестира во спортски преноси, откако обезбеди права за одредени натпревари од НФЛ-лигата и пренесуваше големи боксерски спектакли. Претходно ги обезбеди и глобалните права за женските Мундијали во 2027 и 2031 година.

Влезот на овие компании во фудбалот е особено значаен и за ФИФА, која бара нови начини за зголемување на приходите од телевизиските права. Досега, на најголемите европски пазари, тие често беа во рацете на јавните телевизии, а поголемата конкуренција од стриминг-платформите може да донесе повисоки понуди и нови можности за комерцијализација.

Со овој договор, Нетфликс јасно покажува дека повеќе не сака да биде препознатлив само по филмовите и сериите, туку и како сериозен играч во преносите на спортски настани во живо. Мундијалот во 2030 година би можел да биде пресвртница во начинот на кој навивачите го следат најспектакуларниот фудбалски настан.