ВИДЕО: Нов гол на Пјатек, Милан лесно се справи и со Емполи

Фудбалерите на Милан, во рамките на 25. коло на италијанскиот шампионат, на „Сан Сиро“ го извојуваа победа против Емполи од 3-0 (0-0). По денешниот триумф фудбалерите на Милан веќе цели два месеци се непоразени во Серија А, а во последните седум меча запишаа четири победи и три реми исходи.

„Росонерите“ од самиот старт на натпреварот имаа иницијатива и константно притискаа кон голот на гостите, но беа непрецизни во завршните моменти. Во 10. минута избраниците на Гатузо постигнаа и погодок преку Пакета, но истиот беше поништен по асистенција на ВАР системот поради офсајд. Во првиот дел свои шанси имаа и Саму Кастиљехо и Кжиштов Пјатек, но на одмор се замина со почетните 0-0.

Вториот дел започна извонредно по тимот на Милан и по само шест минути игра веќе имаше предност од 2-0. Најпрво во 49. минута Кжиштоф Пјатек ја продолжи гол-серијата, а две минути подоцна Френк Кеси со прекрасен лоб удар зголеми на 2-0. И покрај водството миланезите не застанаа со нападите, а во 67. минута Кастиљехо погоди за убедливи 3-0.

Само две минути подоцна, Гатузо од игра ги повлече Пјатек и Пакета, а и двајцата за својот настап добија громогласни аплаузи од своите фанови. Во 78. минута Милан постигна нов погодок преку Борини, но истиот беше поништен поради офсајд, па на крајот 3-0 остана и конечен резултат.

Во следното коло тимот на Милан ќе игра против Сасуоло на гостински терен, а претходно ќе гостува во Рим и ќе игра против Лацио во полуфиналето на Купот на Италија.