• Зоран Мишевски

Фудбалерите на Реал Мадрид се последниот учесник во полуфиналето на Светското клупско првенство, откако вечерва ја победија Борусија Дортмунд со 3-2 (2-0) во драматичен и жесток натпревар во Ист Радерфорд.
- Извештај од натпреварот:
Екипата на Чаби Алонсо влезе во натпреварот доста агресивно, а интересно е што головите на почетокот од натпреварот ги постигнаа играчи со презиме Гарсија. Прво, извонредниот стрелец Гонзало, а потоа и левиот бек Фран. Сепак, играчот од средниот ред на Борусија, Јулијан Брандт, ја имаше првата можност во натпреварот, но неговиот удар со глава заврши за малку покрај голот. Од тој момент, кралскиот клуб полека го префрли тежиштето на противничката половина, а акциите се одвиваа претежно преку Арда Гулер. Гонзало Гарсија му донесе водство на Реал по акцијата на Арда. Турскиот фудбалер имаше доволно време да се намести и испрати центаршут во срцето на шеснаесетникот, а на Гонзало Гарсија не му беше тешко да ја постави ногата и да ја смести топката зад грбот на искусниот Грегор Кобел. Веќе на почетокот на 20. минута беше 2-0 за избраниците на Чаби Алонсо, а овој пат меѓу стрелците се запиша Фран Гарсија, кој го следеше центаршутот на Трент Александар-Арнолд од десната страна и ја испрати топката зад грбот на Кобел.
Реал ја одржуваше предноста до финишот, а потоа во судиското надополнување беа постигнати уште три гола. Максимилијан Баер намали на 2-1 во 92. минута, а една минута подоцна Килијан Мбапе ја врати предноста од два гола. Хујсен во 95. минута доби црвен картон, а Гираси од пенал во 98. минута го постави конечниот резултат. На крајот херој беше Тибо Куртоа, кој во десеттата минута од судиското продолжение го одбрани ударот на Марсел Сабицер, со кој Реал обезбеди пласман во полуфиналето на Светското клупско првенство.
Следен ривал на „кралевите“ е Пари Сен Жермен. Во второто полуфинале ќе се сретнат Флуминенсе и Челзи.
ФОТО/PHOTO: FIFA