• Иван Димовски
Шкендија вечерва го игра реваншот против Хибернијан во третото квалификациско коло за Конференциската лига на УЕФА, со негатива од 1-2 од првиот натпревар во Единбург. Тетовци на Националната арена „Тодор Проески“ ќе имаат задача да ја анулираат предноста на шкотскиот тим и да обезбедат место во плеј-офот.
Хибернијан славеше со головите на Оливер Елдинг и Вил О'Хора, додека Шкендија преку Мартин Ѓорѓиевски намали и го остави двомечот целосно отворен. Победникот од овој дуел ќе продолжи во последната квалификациска рунда, каде што ќе се бори за место во лигашкиот дел.
Тетовскиот тим европската сезона ја започна со убедлива елиминација на Еуропа од Гибралтар со вкупни 6-0, а потоа со пресврт во слична ситуација како сегашната го исфрли и Браво со вкупни 5-4. На патот дотука Хибернијан ја исфрли косовската Малишева. Во пресрет на реваншот, Шкендија доби дополнителен мотив со победата над Вардар од 2-0 во неделното дерби во Скопје. Екипата на Артим Положани во позитивна атмосфера влегува во европскиот предизвик, а стратегот посочи дека искуството од претходните европски натпревари може да биде значаен фактор.
Шкендија минатата сезона стигна до лигашкиот дел во Конференциската лига, а сега повторно е на чекор од завршната квалификациска рунда. Реваншот против Хибернијан започнува во 20:00 часот.











