Нов договор за најкритикуваниот фудбалер на Манчестер Јунајтед!

Хари Мегваер е во преговори со управата на Манчестер Јунајтед за нова соработка, потврдија повеќе англиски медиуми, вклучително и новинарот Фабрицио Романо. 

Стоперот на „ѓаволите“ може да добие нов договор и покрај тоа што беше жестоко критикуван од јавноста во последните неколку години. Како клучни фактори за неговото останување се наведуваат посветеноста и влијанието што го има во соблекувалната, а познато е и дека тренерот Рубем Аморим никогаш го нема „отпишано“ од тимот. 

Toa се потврдува и со солидната минутажа што ја има на стартот од сезоната. Мегваер настапи на седум натпревари за Јунајтед, прикажувајќи променливи игри, но се чини дека општиот впечаток за стручниот штаб е задоволителен. 

Мегваер никогаш не ги оправда огромните 87 милиони евра кои беа вложени во него, но сепак има можност да добие продолжување на договорот кој истекува следното лето. Се шпекулира дека новата соработка ќе му гарантира 140 илјади фунти неделно. 

ФОТО/PHOTO: Manchester United/Facebook