Нов дебакл за Македонија, дамите си одат од Белфаст со девет гола

Сениорската женска репрезентација на Македонија запиша нов убедлив пораз во квалификациите за Светското првенство, на гостувањето во Белфаст кај Северна Ирска загуби со 9-0 (4-0). По дебаклот во Скопје со 11 парчиња во мрежата, сега и на гостувањето во Северна Ирска избраничките на Изов беа без сили за изненадувања. 

За разлика од домашниот дуел кога одбраната капитулираше многу рано, во Белфаст успеа да издржи 11 минути. Резултатот го отвори Кристи МекГинес по асистенција на Фурнес. Потоа следеше помирна игра, Македонија се бранеше и се држеше, ама следеа црни минути. Од 30. до 38. минута Северна Ирска даде три погодоци за 4-0 на полувремето. Холовеј, Фурнес и МекГинес ја зголемија предноста на веќе сериозни четири гола. 

Домашните фудбалерки не притискаа премногу, но разликата во квалитетот беше очигледна. На петтиот гол се чекаше до 62. минута, а својот хет-трик го комплетираше МекГинес. Веќе две подоцна и Холовеј вторпат ја стресе мрежата на Лековска. До крајот Македонија прими уште три погодоци. Во 74. минута за 7-0 погоди Магил, па стрелаа уште Фурнес и Бити. 

По шест одиграни натпревари Македонија е претпоследна во групата со само три бода, но веќе има дури 38 примени погодоци, благодарение најмногу на двомечот со Северна Ирска. Следната задача за избраничките на Изов е гигантот Англија во април.