Нов бизарен проблем за Ајакс: Онана суспендиран, несакајќи зел допинг!

Дисциплинското тело на УЕФА му врачи суспензија во времетраење од 12 месеци на голманот на Ајакс, Андре Онана. 

Ваквата одлука доаѓа по позитивен наод на допинг тестирањето кое на 30 октомври било ненајавено направено, Онана во себе имал забранета супстанца Фуросемид. Од Ајакс веднаш излегоа со официјално соопштение, во кое објаснуваат што се случило. 

„Андре Онана е суспендиран на 12 месеци поради кршење на допинг-правилата и пронајдена му е супстанцата Фуросемид. 

Утрото на 30 октомври Онана се чувствуваше лошо, зеде пилула за да му помине. Сепак, тој погрешил и зел од препишаната терапија на својата сопруга, Ласимак. УЕФА нагласи дека Онана немал намера да мами, но правилата се јасни и тој е суспендиран“, напишаа од Ајакс. 

Суспензијата на Онана е ефективна веднаш и тој не смее да биде дел од тимот во никакви фудбалски активности и официјални натпревари. „Копјаниците“ веднаш најавија дека ќе ја обжалат одлуката и ќе се обратат на Меѓународниот суд за спортска арбитража (ЦАС).