• Саше Љолес
Легендарниот Роберт Просинечки добива нов тренерски ангажман и ќе го преземе тимот на Партизани од Албанија. Медиумите во соседната земја пишуваат дека Хрватот наскоро ќе ја преземе екипата и ќе потпише двегодишен договор, а на клупата ќе го замени досегашниот тренер, сонародникот Зоран Зекиќ.
Просинечки веќе заминал во Албанија на завршни преговори со управата на Партизани, а неговата промоција се очекува до крајот на неделата. Албанскиот прволигаш неколку недели имаше привремен тренер, но сега добива нов кормилар кој веќе има богато тренерско искуство.
Поранешниот легендарен фудбалер беше тренер на Црвена Звезда, Кајзериспор, Денизлиспор, Олимпија Љубљана и Рудеш, а исто така беше селектор на две репрезентации, Азербејџан и Босна и Херцеговина. Ова за Просинечки ќе биде прв предизвик во најсилното албанско првенство.