• Иван Димовски
Фиорентина ја игра една од најлошите сезони во својата историја и по 15 кола во калчото е последнопласирана и единствена во лигата без победа.
Последниот пораз од Верона, екипа со која треба да се бори за опстанок, одново ги запали црвените аларми на „Артемио Франки“. Според италијанските медиуми, во Фиренца се очекува долга ноќ на управата која треба да одлучи дали ќе продолжи со тренерот Паоло Ваноли. Ангажманот на овој стручњак не донесе ништо поразлично од работата на Стефано Пиоли, па клубот размислува за трет тренер во новата сезона.
Останува да видиме дали Фиорентина ќе му врачи отказ на Ваноли, а ако тоа се случи и кој би го наследил на клупата.
„Виолетовите“ имаат шест бода и се на дното на Серија А. Прва безбедна моментално е Парма со 14 бода.









