Норвешката авиокомпанија го промени логото откако загуби облог со „British Airways“

По елиминацијата на Норвешка од Англија на Светското првенство, норвешката авиокомпанија „Norwegian Air“ мораше да го исполни ветувањето и привремено да го промени своето лого на Инстаграм, откако го загуби пријателскиот облог со британскиот превозник „British Airways“.

Необичниот предизвик меѓу двете европски авиокомпании стана една од најкоментираните приказни надвор од терените за време на Мундијалот. По победата на Англија над Норвешка со 2-1 по продолженија во четвртфиналето во Мајами, „Norwegian Air“ ја замени својата профилна фотографија на Инстаграм со препознатливиот симбол „Speedmarque“ на „British Airways“.

Облогот беше договорен неколку дена пред натпреварот. Правилата беа едноставни - ако Норвешка победи, „British Airways“ ќе го смени своето лого со логото на „Norwegian Air“ на еден ден. Доколку Англија триумфира, истото ќе го направи норвешката компанија.

Пред дуелот, „Norwegian Air“ со доза хумор ја праша британската компанија дали е подготвена да „ризикува со своето лого“, а одговорот од „British Airways“ беше исто толку самоуверен - „Не се обложувајте на нешто што не можете да го добиете“.

По драматичната победа на Англија, норвешкиот авиопревозник го исполни ветувањето, а потегот предизвика бројни реакции и позитивни коментари на социјалните мрежи. На шегата се приклучија и други меѓународни авиокомпании, што дополнително ја направи оваа маркетиншка акција една од најинтересните приказни надвор од фудбалските терени за време на Светското првенство.