„Нормални се осцилациите, но овој млад тим има што да каже во ПМФЛ“

По грешката на гостинскиот голман Котевски, Ѓорѓиевски уште во третата минута ја погоди мрежата на Победа и го трасира патот до лесна победа на Академија Пандев. Во централната фаза на второто полувреме домаќините постигнаа два гола и ја „зачинија“ победата со убедливо издание и три погодоци.

Тренерот на Академија Пандев, Александар Васоски беше задоволен од одиграното, посебно во второто полувреме.

„Да ги поделиме двете полувремиња и нашиот настап. Иако постигнавме гол во раната фаза, во првото полувреме како да се чувствуваше нервоза во нашата игра. Дали важноста на натпреварот или тешкиот натпревар против Шкупи пред три дена не знам, Но, не бевме како што очекував.

Во второто полувреме одигравме како што се договоривме. Игравме да го бараме вториот и третиот гол и постигнавме голови по убави акции. Сега сме во добра позиција на табелата, но тука не смееме да застане. Во следните три кола играме со Шкендија, Шкупи и Струга Трим Љум и тоа е испит на зрелоста на оваа екипа, за која сметам дека има огромен потенцијал. Нормално е нашите млади фудбалери да имаат осцилации, но на подолг период овој тим има уште многу што да каже во македонското првенство“, ни рече тренерот на „пандевци“.

Со седум бода од три одиграни натпревари оваа пролет, Академија Пандев е една од најуспешните екипи во вториот дел на шампионатот на Македонија. В недела струмичани гостуваат во Тетово против второпласираната Шкендија.