Нојер не е сигурен околу својата иднина во Баерн Минхен

Мануел Нојер

Еден од подобрите голмани во светот Мануел Нојер е во дилема дали да ја продолжи кариерата во Баерн Минхен. Неговата екипа во последните неколку сезони е далеку од титулата во Лигата на шампионите, што е императив за Германецот.

Тој сака уште еднаш да се израдува на „долгоушкото“, но не верува дека со моменталниот проект во баварскиот тим ќе успее во тоа. Тренерот Нико Ковач и управата не сакаат да ја играат играта на милиони со останатите европски гиганти, па тоа им носи проблеми при обидот да ангажираат ѕвездени засилувања.

Договорот на германскиот репрезентативец истекува во 2021 година, а неговиот агент не ветува дека истиот ќе ги исполни до крај, доколку работите не се променат во блиска иднина.

33-годишникот пристигна во Минхен пред осум години од редовите на Шалке 04.