ВИДЕО: Нојер и „џокерот“ Мартинез го донесоа Суперкупот во Минхен

Баерн Минхен е победник на Суперкупот на Европа, откако во дуел со 20.000 гледачи на трибините во Будимпешта, го совлада жилавиот тим на Севиља со 2-1 по продолженијата. Натпреварот во регуларниот тек заврши 1-1.

  • Извештај од натпреварот: 

Флик му даде шанса на Сане од првата минута, а го изостави Дејвис од стартниот тим, за да го врати Австриецот Алаба на позицијата лев бек. Лопетеги извади тим со десет фудбалери од финалето на Лига Европа против Интер, плус повратникот Ракитиќ.

Натпреварот не можеше подобро да започне за Шпанеците, откако судијата Ентони Тејлор досуди најстрога казна по прекршокот на Алаба врз Ракитиќ. Аргентинецот Лукас Окампос со перфектно изведен пенал го матира Нојер и го отвори резултатот (0-1).

Баварците брзо се созедоа, со силниот пресинг ги примораа ривалите на грешка, а по една прекрасна долга акција Левандовски спушти за Горецка, а овој го совлада Мароканецот Боно за 1-1 во 34. минута. Иако Германците беа подобар ривал до одморот, Де Јонг постигна гол за втора предноста на андалузискиот клуб, но истиот оправдано беше поништен заради недозволена позиција.

Второто полувреме исто така почна во знакот на Холанѓанецот, кој доби убава топка од Ескудеро, биеше од прва, но Нојер со рефлексна интервенција ја исфрли топката во корнер. Следеше пеколен пресинг на тимот на Флик и 20-тина минути атомски фудбал пред голот на Боно.

Марокенецот му одбрани зицер на Сане, а потоа судијата Тејлор и ВАР-собата со право анулираа два гола на Германците, најнапред заради офсајд, а потоа и поради прекршок од Левандовски. Во последните десетина минути европскиот првак ризикуваше и Ел Незири во 85. минута излезе сам очи в очи со Нојер, но германскиот голман му одбрани зицер и го внесе натпреварот во продолженија. На стартот од екстра времето Севиља имаше три зрели шанси, а Нојер ми стативата го спречија Ен Несири да постигне одлучувачки погодок.

Следеа замени на двајцата тренери и внесувањето на Дејвис и Чави Мартинез ги освежи Баварците. Токму Мартинез по еден отпадок, по корнер од десната страна, со глава ја закова топката во мрежата на Боно и првпат донесе предност за европскиот шампион (2-1). На крајот од првото продолжение Диего Карлос со глава од самата гол линија го спаси својот тим од трет примен гол и сигурен пораз. 

Во второто продолжение Левандовски имаше уште една шанса, но неговиот удар заврши крај дирекот. Енергијата на Германците беше пресудна и Баварците го приведоа натпреварот кон крај, освојувајќи го четвртиот трофеј годинава, со Ханси Флик на клупата.