Нојер и Баерн Минхен не се договорија за продолжување на соработката

Мануел Нојер не успеа да пронајде заеднички јазик во првите преговори со челните лица на Баерн Минхен, за продолжување на меѓусебната соработка.

Како што пренесува „Билд“, искусниот голман од Гелзенкирхен не сакал да прифати договор до 2022 година, што би значел само една година плус во однос на постоечкиот. Тој барал продолжувањето на соработката да биде најмалку до јуни 2024 година, по што се очекува нова рунда на преговори меѓу него и раководството на Баварците.

Нојер оваа година ќе наполни 34 години и неговата кариера е во благ пад, но Баерн Минхен не е загрижен, затоа што веќе ја обезбеди неговата замена. Следното лето на „Алијанц Арена“ ќе пристигне голманот на Шалке 04, Александар Нубел и се очекува да биде достоен наследник за легендарниот Нојер.

Во својата богата кариера светскиот шампион од 2014 година настапувал за само два клуба. Како професионалец дебитираше за Шалке 04 во 2006 година, а од 2011 го носи дресот на Баерн Минхен.