• Горан Упале
Екипата на РБ Лајпциг го освои Купот на Германија, по вторпат во својата клупска историја, откако на овој успех се радуваше и минатата сезона. Во големото финале одиграно во Берлин, „биковите“ извојуваа сигурна победа над Ајнтрахт Франкфурт (2-0) и така ставија печат на уште една успешна сезона.
- Извештај од натпреварот:
Покрај освоениот трофеј, клубот од источна Германија во Бундеслигата заврши на третата позиција, веднаш зад Баерн Минхен и Борусија Дортмунд и повторно ќе игра во Лигата на шампионите.
Ајнтрахт, пак, зад себе остави сезона за заборав, не само затоа што загуби втор натпревар за трофеј, по оној со Реал Мадрид во Суперкупот на УЕФА, туку во домашниот шампионат заврши на разочарувачкото седмо место.
Што се однесува до натпреварот на „Олимпискиот стадион“ во Берлин, по не така атрактивното и возбудливо прво полувреме, во кое двете екипи целосно потфрлија, во вторите 45 минути на сцена стапи Кристофер Нкунку, кој беше најзаслужен за двата постигнати гола на својот тим. 25-годишниот француски напаѓач, кој од следната сезона ќе ги брани боите на Челзи, најпрво во 71. минута со многу среќа го пронајде патот до мрежата на противникот, додека во самата завршница несебично го проигра Доминик Собослаи, кој со прецизен удар стави точка на натпреварот и донесе голема радост за навивачите на РБ Лајпциг.