Њукасл се сопна кај третолигашот Рокдејл во ФА Купот, Барнли убедлив против Питербороу

Во Англија викендов се на распоред дуелите од третото коло во ФА купот. Во првите средби со почеток од 13:30 часот, Барнли обезбеди пласман во наредната фаза против Питербороу, но Њукасл киксна на гостувањето кај третолигашот Рокдејл и ќе мора да игра повторен натпревар. Од Чемпионшип лигата, Милвол беше убедлив над Њупорт, а Бирмингем во последните минути си обезбеди пласман понатаму. 

Барнли без многу потешкотии го совлада Питербороу Јунајтед на домашен терен со 4-2. Тимот кој се натпреварува во најсилен ранг на англискиот фудбал на самиот старт направи недостижна предност. 

Џеј Родригез, Ерик Питерс и Џеф Хендрикс погодија до 23. минута за високи 3-0. Гостите во 39. минута преку Тејлор намалија, но по паузата Родригез повторно ја врати позитивата за Барнли. Конечните 4-2 ги постави Џејд Џонс по една мешаница и лоша реакција на голманот Џо Харт. 

Њукасл Јунајтед ја изненади јавноста и не успеа да триумфира на гостувањето кај третолигашот Рокдејл и одигра нерешено (1-1). Иако поведоа уште во 17. минута преку Алмирон и имаа контрола на средбата, гостите не издржаа до крај. 

Во второто полувреме одиграа полошо од противникот и казната стигна преку Вилбрахам во 79. минута. Со ова реми, Њукасл за пласман во четвртата рунда на ФА купот ќе мора да игра и реванш на „Сент Џејмс Парк“. 

  • Рокдејл - Њукасл Јунајтед 1-1: 

Милвол е единствената екипа после Барнли која ја заврши работата по само 90 минути, со победата од 3-0 над Њупорт. Англискиот второлигаш само ја потврди фаворитската улога и со еден во првиот и два гола во вториот дел лесно ја мина оваа рунда на Купот. 

На останатите три средби, дуелот на двете екипи од  Чемпионшип лигата Бирмингем и Блекбурн заврши со победа на домаќинот од 2-1 и покрај доминацијата на противникот. Бирмингем играше со играч помалку половина час, а во самиот финиш дојдоа до посакуваната победа. Мечот меѓу Бристол Сити и Шроусбери заврши со реми од по еден гол, а Ротердам иако водеше со играч помалку од 24. минута, не издржа и во последните секунди прими гол за 2-3.