ВИДЕО: Њукасл го освои „Кинг Пауер“ и се доближи до опстанок во Премиер лигата

Во првиот натпревар од 34. коло на Премиер лигата, фудбалерите на Њукасл славеа победа против Лестер Сити со 0-1 и направија голем исчекор кон опстанокот во елитата на Англија. Со денешната победа Њукасл го запиша првиот триумф по три кола, а воедно и ја прекина серијата на Лестер од четири победи по ред.

  • Извештај од натпреварот:

Избраниците на Рафаел Бенитез на денешниот натпревар на „Кинг Пауер“ имаа императив победа, а неа ја најави Ајозе Перез со гол во 32. минута, откако одлично биеше со глава и го матира Шмајхел. Веднаш потоа шанса за дуплирање на предноста имаше и Алмирон, но домашниот голман беше на вистинското место и спречи нов погодок за гостите.

Во продолжение гостите од Њукасл имаа контрола врз играта и не им дозволуваа на „лисиците“ да креираат некоја поголема шанса пред нивниот голман. Во 77. минута стрелецот на голот имаше извонредна шанса, а на спротивната страна возврати Варди, но и двата обиди останаа без реализација. Во финишот избраниците на Роџерс имаа иницијатива, но Њукасл одлично се бранеше и сосема заслужено запиша големи три бода.

Во следното коло Њукасл ќе го пречека тимот на Саутемптон, додека Лестер Сити за противник ќе го има тимот на Вест Хем.