Њукасл го официјализира Стив Брус како наследник на Рафа Бенитез

Со недели по заминувањето на Рафаел Бенитез, премиерлигашот Њукасл Јунајтед не можеше да пронајде нов менаџер. Денес, конечно е пронајдено решение. Стив Брус официјално е назначен предводник на Њукасл, откако потпиша тригодишен договор. Сопственикот Мајк Ешли му плати оштета од четири милиони фунти на Шефилд Венздеј, клуб кој имаше постоечки договор со Брус. 

58-годишниот стратег не го криеше одушевувањето за укажаната доверба.

„Среќен сум и многу горд што сум во можност да бидам менаџер на Њукасл Јунајтед. Ова е сериозен предизвик, но јас и мојот тим сме подготвени за тоа. Ќе ги засукаме ракавите и ќе се потрудиме да направиме навивачите да се гордеат со тимот“, рече Брус.

Клубот е во фаза на продажба на мнозинскиот пакет и се предвидува дека новите катарски газди штом го преземат клубот, ќе го одврзат ќесето да доведат големи засилувања.