• Мартин Танасковски
Турски Галатасарај го совлада Фенербахче со 2-1 на домашниот стадион „РАМС Парк“, во рамките на деветтото коло од турското првенство, и направи голем чекор кон задржување на лидерската позиција. Во Истанбул моментално владее Галатасарај. Бешикташ заостанува четири бода, додека Фенербахче по овој пораз има дури шест бода помалку од градскиот ривал.
- Извештај од натпреварот:
Најзаслужен за победата на „лавовите“ беше Виктор Осимен, кој со два одлични погодоци го реши дербито пред домашните навивачи. Првиот гол го постигна во 29. минута, кога по додавањето од Бариш Јилмаз со фантастична реакција со левата нога ја испрати топката во мрежата на Едерсон. Осимен уште еднаш ја покажа својата голгетерска интуиција во 44. минута, кога по ударот на Давинсон Санчез со глава ја насочи топката во голот и ја зголеми предноста на Галатасарај на 2-0.
Фенербахче заигра подобро во второто полувреме и успеа да ја намали негативата. Сепак, гостите имаа причина да жалат и за поништениот трет гол на Осимен во 58. минута, поради минимален офсајд. Само четири минути подоцна следуваше и најубавиот потег на натпреварот. Ирфан Кахвеџи во 62. минута постигна спектакуларен гол со ножички. Угурџан Чакир ја допре топката, но не успеа да го спречи нејзиниот пат до мрежата, па Фенербахче намали на 2-1.
Сепак, Галатасарај ја зачува предноста и стигна до исклучително важна победа во големото дерби. Со овој триумф, тимот се оддалечи на шест бода од Фенербахче и ја потврди својата позиција во борбата за шампионската титула.




