ВИДЕО: Ниту Мбапе и Франција не беа закана, Шпанија прв финалист на ЕП!

Фудбалската селекција на Шпанија е првиот патник во финалето на Европското првенство во Германија. „Црвената фурија“ одигра уште еден одличен натпревар и по пресврт ја совлада моќната Франција со 2-1 (2-1) и по пауза од дванаесет години одново ќе игра натпревар за европски трофеј. 

  • Извештај од натпреварот:

Нема дилема дека го гледаме најатрактивното прво полувреме во досегашниот тек на првенството, не само поради бројот на голови во првите 45 минути, туку и поради случувањата на теренот.

Први во Минхен се заканија шпанските фудбалери преку Фабиан Руиз, кој по центаршутот на Ламин Јамал шутираше над голот, но веќе во деветтата минута следуваше целосен шок за „црвената фурија“. Дембеле упати долга топка до Мбапе, кој подели перфектен центаршут до Рандал Коло Муани, а напаѓачот на Пари Сен Жермен најдобро се снајде со глава меѓу Начо и Лапорт и со глава го матира немоќниот Унаи Симон.

„Галските петли“ имаа уште еден опасен напад кога ударот на Мбапе успеа да го блокира Начо. Потоа на „Алијанц Арена“ следеше тотален пресврт за време од само четири минути. Прв за тоа се потруди младиот Ламин Јамал. 16-годишниот офанзивец на Шпанија постигна неверојатен гол од 25 метри и израмни на 1-1. Со овој погодок асот на Барселона стана најмладиот стрелец во историјата на Европските првенства.

Веќе во следниот напад следуваше нов удар за „триколорите“. Дани Олмо со мајсторски прием се ослободи од директниот чувар и си создаде простор да шутира. Мањан беше совладан, а со помош на Кунде топката влезе во француската мрежа за пресврт и водство на Шпанија од 2-1, резултат со кој се замина на одмор. До крајот на полувремето Франција имаше иницијатива, а Шпанија чекаше на контра, па резултатот остана непроменет.

Во вториот дел, очекувано Франција беше таа која што наметна свое темпо на игра и за краток период испрати две закани кон шпанскиот гол, но Унаи Симон одново покажа за каков калибар од голман станува збор. Првата шанса ја имаше Чуамени со глава, додека нешто подоцна неуспешен обид имаше и Мбапе. Шпанскиот голман беше ставен на маки и во 60. минута, кога шутираше Дембеле од тешка позиција, но чуварот на мрежата на Атлетик Билбао одново излезе како победник и го сочува водството на својата селекција.

Дешамп со тројна замена проба да промени нешто на теренот, но ниту тоа не донесе резултат, бидејќи Шпанија искусно го сочува водството и ја „грабна“ првата виза за финалниот натпревар во Берлин на 14 јули. Мбапе во 89. минута ја имаше последната, веројатно најзрела шанса, но од изгледна позиција шутираше преку голот. 

Противник на „фуријата“ ќе биде подобриот од утрешниот натпревар меѓу Англија и Холандија. 

Состави

Луис де ла Фуенте

4-2-3-1

    Дидие Дешамп

    4-3-3