• Саше Љолес
Репрезентацијата на Белгија на помалку неславен начин го заврши настапот на Европското првенство и беше елиминирана во осминафиналето од Франција.
„Црвените ѓаволи“ ја оставаат оваа етапа зад себе, но сега за нив се појавува нов проблем кој е поврзан со претстојното издание во Лигата на нации. Белгија на 6 септември треба да се соочи со селекцијата на Израел, но ниту еден град во оваа земја не сака да биде домаќин на мечот поради комплексната политичка ситуација и поради огромните безбедносни мерки кои мораат да бидат преземени.
Првичната идеја била мечот да се одигра во Брисел, но градските власти категорично ја отфрлиле оваа идеја, па сега фудбалската федерација бара алтернативни решенија и голема е веројатноста Белгија и Израел да се сретнат на неутрален терен во Унгарија.
Доколку ниеден белгиски град не се нафати да го организира мечот, тогаш веројатно ќе се одигра на „Панчо Арената“, на која настапува тимот на Пушкаш Академија. Федерацијата испратила допис до уште неколку градови во Белгија, како Лирс, Левен, Антверпен и Бриж, но и оттаму првичните сигнали не се баш позитивни.