• Саше Љолес

Деновиве англиските медиуми силно шпекулираа дека нов тренер на Тотенхем ќе биде Арне Слот кој е актуелен предводник на новиот холандски шампион, Феенорд. 44-годишниот стратег беше „мета“ на неколку европски гиганти по успехот во холандската Ередивизие, а најмногу го поврзуваа со преземање на клубот од северен Лондон.
Се тврдеше дека условите за договорот веќе биле договорени и дека тренерот ќе потпише тригодишна соработка со „петлите“, но сепак, денешните информации од Холандија го тврдат сосема спротивното. Слот веќе имал средба со челниците на Феенорд и двете страни се договориле за продолжување на договорот, а стратегот би требало да остане во холандскиот клуб уште најмалку две години.
„Имаше многу шпекулации и невистини поврзани со мене и мојата кариера. Јас отсекогаш сакав да останам во Феенорд и да ја продолжам успешната „одисеја“ со овој клуб. Сега станавме шампиони и треба да уживаме во овој успех, но мора и да се фатиме набргу за работа, од септември треба да играме во Лигата на шампионите“, изјави Слот.
Екипата на Феенорд на доминантен начин стигна до титулата во Холандија. Момците на Арне Слот направија разлика од десет бодови пред второпласираниот ПСВ Ајндховен и веќе го прославија освојувањето на престижниот трофеј. До крајот на сезоната остана уште само едно коло, а изгледа дека и во следната кампања Феенорд ќе биде предводен од тренерот кој им ја донесе петнаесеттата шампионска титула.