ВИДЕО: Сити го „здроби“ Вотфорд во ФА Купот и ја освои првата „триплета“ во Англија! 

По само една седмица од освојувањето на најпрестижниот трофеј во англискиот фудбал, екипата на Манчестер Сити донесе нова радост за своите фанови, откако своите витрини ги збогати со уште еден трофеј од ФА Купот. 

Шампионот во големото финале на „Вембли“ го совлада незгодниот тим на Вотфорд со убедливи 6-0 (2-0) и го собра третиот овосезонски трофеј (Карлинг Куп, Премиер лигата и ФА Куп). Пеп Гвардиола се реши да го одмори својот прв ас Серхио Агуеро, а на клупата останаа и Де Брујне, Отаменди, Стонс и Сане, но и покрај тоа „граѓаните“ доминираа во текот на сите 90 минути и заслужено триумфираа во најмасовното и најстарото фудбалско натпреварување во Англија. 

  • Извештај од натпреварот: 

Изненадувачки, стартот на мечот им припадна на аутсајдерот на хартија. Делофеу и Переира имаа изгледни шанси за отворање на резултатот, но сепак, Сити беше тој кој прв затресе противничка мрежа.

По една одлична тимска акција, Стерлинг проигра до Давид Силва, а Португалецот рутински го совлада Гомез и ја започна голеадата на својата екипа. До крајот на првиот дел стрелаше и Стерлинг, а само што започна вториот дел резервистот Де Брујне ја запечати судбината на Вотфорд и зголеми на убедливи 3-0. 

И покрај сигурното водство, Сити не се откажа од допадливиот фудбал, а тоа резултираше со нови два фантастични гола. Хесус по пеколна контра погоди за 4-0, додека Стерлинг со два гола во финишот ги постави конечните 6-0. За еден од најдобрите менаџери во модерниот фудбал, Пеп Гвардиола ова беше негов 23-ти трофеј во својата тренерска кариера.