• Саше Љолес

Иако деновиве силно се шпекулираше дека Ељиф Елмас ќе го напушти РБ Лајпциг во зимскиот преоден рок и ќе замине на позајмица до крајот на сезоната, сепак, информациите до кои дојде Gol.mk велат нешто сосема поинакво.
За македонскиот „дијамант“ имаше интерес од многу европски клубови кои сакаа да го доведат на шестмесечна позајмица, но тоа нема да се случи и Елмас останува во германскиот клуб, каде за жал никогаш не доби вистинска шанса да ги покаже своите квалитети.
Засега одлуката на тренерот Марко Розе е дека Елмас е надвор од првиот тим на Лајпциг, но не е познато дали така ќе биде до самиот крај на сезоната. Едно е сигурно, трансферот од Наполи требаше да биде пресвртиница во кариерата на нашиот репрезентативец, но преминот во Германија не го донесе тоа што беше очекувано - поголема минутажа и сериозна улога во екипата.
Елмас за Лајпциг одигра само 22 натпревари на кои скоро секогаш влегуваше од клупата за резерви и не постигна ниту еден гол за „биковите“. Претходно со голем успех настапуваше во италијанскиот Наполи, а патот до Италија одеше преку турскиот Фенербахче и домашниот Работнички.
Овие информации сигурно не се најпријатни за селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, но нема сомнежи дека Елмас секогаш ќе има значајна улога во дресот на нашиот национален тим, а тоа се потврди и во циклусот од Лигата на нации.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.