Ништо ново во Србија: Црвена Звезда слави како гостин над Партизан (ВИДЕО)

Фудбалерите на Црвена Звезда славеа во 177. „вечно дерби“ на гости кај Партизан (1-2) во деветтото коло на српската Суперлига. Шампионот ја оправда фаворитската улога против лутиот ривал во Белград. 

  • Извештај од натпреварот:

По мирниот старт на „Стадионот на Партизан“ резултатот беше отворен во 28. минута од средбата. Водечки гол за Црвена Звезда постигна Тими Макс Елшник (0-1) откако искористи одбиена топка. Овој резултат беше активен до полувремето, иако имаше по некоја шанса пред двата гола за да се смени. 

Во продолжението предноста за Звезда успеа да ја удвои Немања Радоњиќ и тоа веднаш откако влезе во игра. Офанзивецот добро проследи акција која ја водеше Катаи и ја смести топката во мрежата за 0-2 по еден час игра. Партизан успеа да се консолидира по серијата замени, а во игра домашниот тим го врати Милошевиќ во 74. минута. И покрај тоа до крајот на средбата резултатот не се менуваше и гостите ги освоија трите бода. 

Црвена Звезда со оваа победа скокна на првото место на табелата со максимални 21 бод, два повеќе од Партизан кој има и натпревар повеќе.