• Иван Димовски
Фудбалерите на Динамо Загреб уште еднаш покажаа кој е кој во хрватскиот фудбал и со победата над Осијек (1-0) математички ја обезбедија својата 25. првенствена титула. По поразот на Ријека од Вараждин, „модрите“ на две кола пред крајот беа во позиција со триумф да дојдат до титулата во една многу луда сезона.
Интересно, херој на Динамо во ова дерби со Осијек е сега веќе поранешниот македонски репрезентативец Аријан Адеми. Капитенот на старо-новиот шампион беше стрелец на единствениот погодок на средбата, во 73. минута по асистенција од Мишиќ за конечни 1-0. Овој погодок ги крена на нозе навивачите на „Максимир“ и го означи стартот на славјето. Цел натпревар за Динамо против Осијек одигра и македонскиот бек Стефан Ристовски.
За приказната да биде уште поинтересна, ова е прв погодок на официјален натпревар за Адеми по враќањето во Динамо, а ете судбината посака да биде вреден титула. Клубот од Загреб ја освои седмата последователна круна, вкупно 25. во историјата.
Инаку оваа сезона беше навистина интересна во ХНЛ. Долго време лидер на табелата беше Хајдук, меѓутоа пролетва тимот од Сплит целосно потфрли и ги згасна соништата на навивачите за титула. Потоа во пол-позиција излета Ријека, но со три порази во низа го препушти врвот и на вистинскиот владетел.