Нишино: Веќе размислувавме за продолженија, но ни се случи пеколна контра

Јапонија во еден момент, кога имаше позитива од 2-0 против Белгија можеби и размислуваше за пласман во четвртфиналето, но така не мислеа и Белгијците кои со пеколен финиш успеаја да ги елиминираат „самураите“.

По натпреварот, селекторот на Јапонија, Акиро Нишино изјави дека е горд на своите фудбалери, но и дека жали за пропуштената шанса за голема победа.

„Сакавме да победиме. Моите избраници одиграа одличен натпревар и против ваква силна репрезентација, како што е Белгија. На 2-0 не сакав да менувам фудбалери, бидејќи сакав да го искористам позитивниот момент и да постигнеме уште еден гол - а и можевме. Во продолжение Белгија го подигна темпото и заслужено триумфира. Се разбира дека размислувавме на продолженија, но се случи пеколна контра која го одлучи натпреварот. Горд сум на овој тим, но во исто време и жалам за пропуштената шанса. Сè уште има нешто што ни недостига и сигурно дека ќе се обидеме по четири години да бидеме уште подобри“, изјави Нишино.

Денешните два гола на Јапонија воедно се и први за „самураите“ на еден натпревар од нокаут-фазата. Белгија во четвртфиналето ќе игра против Бразил.