Николовски: Мораме од гостувањата да донесеме бодови кои ќе ги покријат домашните киксови

Кристијан Николовски смета дека Пелистер има квалитет да ѝ ги расипи сметките на Ренова и верува дека од ова гостување „зелено-белите“ ќе се вратат со бодови. 

Дербито на денот во Првата македонска фудбалска лига се игра во Гостивар, затоа што домашниот терен на „гипсарите“ во Тетово се реновира, па така домашниот тим ќе ја нема ниту таа минимална предност од познат терен против момците на Зоран Штерјовски.

„Напорно работевме оваа недела и концентрирани сме на натпреварот против Ренова. Ги респектираме, знаеме со каков квалитет располагаат, но веруваме и во нашите можности. Пелистер ќе игра на победа и верувам дека од гостувањата можеме да донесеме бодови, со кои ќе ги покриеме многубројните нерешени натпревари на домашен терен“, ни изјави Кристијан Николовски.

Битолчани во Гостивар заминаа без Благоја Спиркоски, кој се повреди против Шкендија и наскоро ќе се врати на терените.

Пелистер и Ренова последен пат се сретнаа ова лето, на пријателски натпревар кој заврши без постигнат гол.