ВИДЕО: Николов во родниот Штип му донесе победа на Вардар!

Екипата на Вардар продолжува со победничката серија во Првата македонска фудбалска лига, откако на гостувањето кај Брегалница во Штип славеше минимално со 0-1 во натпреварот од 10. коло. За актуелниот шампион ова беше шеста победа сезонава, додека штипјани го запишаа шестиот пораз.

По почетното надмудрување, „црвено-црните“ ја презедоа иницијативата и ја префрлија играта на половината на домаќинот. Сепак, Брегалница не се повлече и преку контранапади создаде неколку опасни ситуации. Иван Николов имаше одлична можност за водство, а само една минута подоцна и Бојан Рајков се закани со удар со глава по корнер, но гостинската мрежа остана недопрена.

Казната за пропуштените шанси пристигна во 24 минута. По една одбиена топка, Бобан Николов од тешка позиција, со удар од свртување, ја смести топката во мрежата и му донесе водство на Вардар. Искусниот играч за врска не го прослави погодокот, покажувајќи почит кон својот матичен клуб и родниот Штип.

Брегалница се обиде да возврати уште пред паузата, но Давор Талески беше сигурен на голот на гостите.

На стартот на второто полувреме, домаќините повторно беа блиску до израмнување. Максимов украде една топка и излезе сам пред Талески, но не успеа да ја искористи големата шанса. Подоцна, Иван Николов повторно се закани со удар со глава по центаршут од десната страна, но топката заврши над голот.

Брегалница продолжи да напаѓа и да бара пат до мрежата на Вардар, но гостите успеаја да ја зачуваат минималната предност до крајот.

Прва македонска фудбалска лига - десетто коло
Брегалница – Вардар 0-1 (0-1)

Градски стадион во Штип, гледачи 800
Главен судија: Доне Ристовски
Асистенти: Тоше Ицев, Драган Трпчевски
ВАР судија: Никола Костенчев
Делегат: Дејан Боневски
Стрелец: Бобан Николов 24 минута
Жолти картони:  Николовски, Максимов, И. Николов (Брегалница) и Матиќ, Б. Николов, Кастањеда, Пиреш

Брегалница: 
Филевски, Николовски (од 71м. Лемос), Ангелов, Стојанов (од 87м. Михолов), Максимов (од 87м. Тасев), И. Николов, Глигоров,Велковски, Рајков, Коцев, Стојкоски (од 71м. Велков)
Тренер: Мијалче Прошев

Вардар: 
Талески, Матиќ, Најдовски, Бабунски, Б. Николов, Омерагиќ, Закариќ (од 81м. Босанчиќ), Јанкулов, Цветковски (од 81м. Цветковски), Кастењеда (од 67м. Спахиу), Пиреш (од 67м. Спахиу)
Тренер: Мирослав Божовиќ

Играч на натпреварот: Бобан Николов (Вардар)

Во следното коло Вардар го игра големото дерби со Шкендија на гостински терен, додека Брегалница ќе се соочи со Арсими.