Николов: Направивме топ сензација во ЛШ, како дете плачев за Реал Мадрид!

Македонскиот фудбалер Бобан Николов и неговиот Шериф Тираспол направија сензација во Лигата на шампионите. Го приредија можеби најголемото изненадување во историјата на натпреварувањето и го победија големиот Реал Мадрид (1-2).

Во интервју за „Mozzartsport“, македонскиот репрезентативец ги сподели импресиите од големата победа на „Сантијаго Бернабеу“. Кажа дека како дете навивал за Реал Мадрид и плачел на неговите порази, а сега успеал да слави победа над него.

„Без лажна скромност, ова е најголемото изненадување во историјата на Лигата на шампионите. Ја имав таа среќа во финишот да ја разгазам тревата на „Сантијаго Бернабеу“. Како дете навивав за Реал Мадрид, почнав да играм фудбал поради Зидан и останатите „галактикоси“. Плачев кога губеа. А, сега победивме. Кога ќе одиграте еден ваков меч, тогаш знаете дека сте успеале во фудбалот. Се надевам дека на ова нема да застанеме. Реално, сега имаме шанси за понатаму, барем во Лига Европа“, вели Николов.

Шериф Тираспол има две победи на двете средби во групата. Во деби-настапот во елитата покрај над Реал Мадрид тимот славеше и над Шахтјор Доњецк. Сега го чека предизвик против Интер, во Милано...