Николов: Маниса е измислица, во јули ќе размислувам за иднината

Македонскиот фудбалер Бобан Николов ова лето веројатно ќе има нов клуб. Повеќето од првотимците си одат од Шериф Тираспол, меѓу нив може да биде и играчот од средниот ред. Во молдавските медиуми веќе се појави информација дека Николов патува во Турција, но...

Како опција се споменуваше тимот на Маниса, кој има амбиции за влез во елитата. „МолдФудбал“ напиша дека Николов веќе стапил во преговори со турскиот клуб и се договорил, меѓутоа такво нешто не постои.

„Немам никаква комуникација со Маниса, не знам кој го измисли тоа нешто дека сум се договорил со нив. Моментално сум на одмор и за мојата иднина ќе размислувам по први јули“, кратко ни изјави Николов.

Бобан Николов дојде во Шериф во август во 2021 година и за тој период одигра петнаесет натпревари во шампионатот и во Купот на кои даде три гола и додаде уште неколку асистенции. Македонецот имаше и седум натпревари во еврокуповите – даде и еден гол во Лигата на шампионите, за реми против Шахтјор Доњецк (1-1).