Николов: Контролите во Анталија се добра подготовка за циклусот за ЕП

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година се стационира во Анталија, Турција, каде ќе ги одработи подготовките пред квалификацискиот циклус за Европското првенство за младинци.

Селекторот Драган Канатларовски ќе ја има на увид новата генерација на која ќе смета на натпреварите, а ќе се одиграат и контролни дуели. Еден од играчите кои е дел од новата генерација е Иван Николов од штипска Брегалница, кој вели дека подготовките во Анталија ќе бидат одлична можност за сите да се подготват за предизвиците кои следат.

„Контролните натпревари во Анталија се одлична можност за што подобро да се подготвиме за предизвикот што не очекува во септември, односно почетокот на квалификациите за пласман на Европско првенство. Што се однесува до самата група од квалификациите, јасно е дека во денешно време нема лесно противници, но оваа наша група на фудбалери поседува голем квалитет и заедништво, имаме големи очекувања, сакаме да оствариме нешто големо и да избориме пласман на Европско првенство. Имаме серија на потивни резултати на последните натпревари, што ни дава дополнителен мотив дека можеме да одиграме добри квалификации.

Одиме чекор по чекор, не очекува уште многу работа до почетокот на квалификациите, моментално е најбитно овој подготвителен период во Анталија да го искористиме на најдобар можен начин, да ја унапредиме нашата игра за да можеме максимално подготвени да го дочекаме почетокот на квалификациите“, вели Николов.

Македонија У21 како прв предизвик ја има фудбалската репрезентација на Летонија со која ќе одигра пријателски натпревар.

„Првиот меч во Анталија го играме против Летонија, селекција со високи и силни фудбалери која игра доста тврд фудбал. Ние сме поквалитетна селекција од нив, но тоа ќе мора да го покажеме на терен. Се надевам дека ќе продолжиме со одличната игра и позитивната серија на резултати. Атмосферата во самиот тим е одлична, се познаваме меѓусебно многу добро, со оглед на тоа што поголемиот дел од фудбалерите бевме дел и од репрезентацијата на Македонија до 19 години. Убеден сум дека со голема пожртвуваност, борба и желба за надигрување можеме да оствариме добри резултати“, заврши македонскиот репрезентативец.

Македонија У21 ќе се соочи со Летонија на 23 март, а потоа ќе следат натпревари против Финска на 25 март и Словачка на 28 март.