Николов дебитира во Србија: Чест е да се игра во најдобрата лига на Балканот

Младиот македонски фудбалер Матеј Николов го имаше официјалното деби во српската Суперлига. 19-годишниот играч од средниот ред доби шанса во Младост Чајетина на натпреварот против Радник и е задоволен што имал шанса да заигра во најсилната лига на Балканот.

„За мене дебито во Суперлигата за Златибор претставува огромна чест. Уште од многу мал сонував за овој момент, да дебитирам во најсилната лига на Балканот. Фокусот моментално ми е ставен на напорните тренинзи и да дадам се од себе да ги исполнам очекувањата и задачите на тренерот. Мојата цел, а воедно и целта на мојот тим е да успееме да се избориме за опстанок. Горд сум што сум дел од така млад тим во лигата. Против Партизан покажавме дека сме квалитетен тим, а истото тоа ќе го покажеме и на другите натпревари. Сега следува репрезентативната пауза, во која ќе имаме доволно време да се подготвиме максимално, и секако тоа да го покажеме на терен со низа добри резултати“, вели Николов.

Ждрепката посака Младост во Купот на Србија да игра со големата Црвена Звезда и тоа на „Рајко Митиќ“. Николов силно посакува минутажа против белграѓани, а вели дека ќе работи напорно за тоа.

„Во Купот играме со Црвена Звезда, на еден од најпознатите стадиони на Балканот. Црвена Звезда е мојот омилен клуб уште од детството. Самиот настан за мене претставува големо доживување, би ми било навистина задоволство и чест да добијам шанса токму на тој натпревар“, открива нашиот млад фудбалер.

Златибор Чајетина неколку кола нема победа и се наоѓа во долниот дел на табелата во Суперлигата. Паузата добро ќе му дојде на тимот, па ќе се обиде да се врати на победнички терк.