Никола Секулов со Италија ќе ја напаѓа европската титула

Никола Секулов, македонскиот фудбалски талент кој реши во иднина да игра за Италија, има шанса да стане европски првак затоа што со „аѕурите“ се пласира во големото финале на ЕП за играчи до 17 години.

На големиот фудбалски собир кој се игра во Даблин, Ирска, Италија дојде до финалето откако со 2-1 славеше над Франција. Секулов на овој натпревар влезе од клупата за резерви во 68 минута и го разигра тимот, кој даде победнички погодок во 81. минута.

Секулов на ЕП одигра вкупно три од пет меча, а покрај против Франција, тој настапи со Шпанија и со Австрија. Финалето на ЕП за фудбалери до 17 години ќе се игра на 19 мај, а во него се Италија и Холандија.