Никола Ѓорѓев се врати во швајцарскиот фудбал

Македонскиот фудбалер Никола Ѓорѓев ја заврши својата авантура во Португалија и кариерата ќе ја продолжи во Швајцарија, каде потпиша договор со Ксамакс, клуб кој се натпреварува во Челенџ-лигата.

Поранешниот македонски репрезентативец помина една сезона во дресот на Фарензе, но не успеа да се наметне во португалскиот клуб, по што се одлучи за враќање во земјата каде што ја започна својата професионална кариера.

Ѓорѓев е производ на младинската школа на Грасхоперс, а за првиот тим дебитираше во 2015 година, кога настапи на 12 натпревари во швајцарската Суперлига. Во текот на кариерата настапуваше и за Твенте, Цирих, Арау, Шафхаузен, а по враќањето во Грасхоперс помогна клубот повторно да избори пласман во елитната конкуренција. Во швајцарскиот фудбал има богато искуство, со 204 натпревари во Челенџ-лигата и уште 42 настапи во Суперлигата.

Дваесет и осумгодишниот Ѓорѓев игра на позицијата лево крило, но успешно може да настапува и како офанзивен играч за врска. На репрезентативен план, тој ги мина сите младински селекции на Швајцарија до 19 години, по што реши да настапува за Македонија. Беше дел од младата репрезентација која настапи на Европското првенство во Полска во 2017 година, а за сениорската селекција дебитираше во 2016 година и досега има пет настапи.

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.