• Зоран Мишевски
Во Дортмунд му веруваат на шефот на стручниот штаб. Хрватот, роден во Берлин, Нико Ковач и следната сезона ќе седи на клупата на Борусија Дортмунд, потврди спортскиот директор на бундеслигашот Ларс Рикен.
„Нико направи многу добри работи откако дојде кај нас. Не смееме да ја заборавиме минатата сезона кога нè водеше во Лигата на шампиони. Ќе ги почувствувавме големите последици ако не ја постигневме таа цел. После тоа, тој го засили тимот и нè смести на безбедно второ место во пласманот во Бундеслигата“, рече Рикен.
На шест кола до крајот на актуелната сезона во Бундеслигата, Борусија е второпласирана со девет бодови помалку од водечкиот Баерн, но 11 повеќе од Лајпциг, кој е на третото место.
54-годишниот Ковач во јануари лани седна на клупата на Борусија Дортмунд, откако претходно ги предводеше Ајнтрахт, Баерн и Волфсбург.









