• Мартин Танасковски
Фудбалерите на репрезентацијата на Нигерија се заканија дека нема да отпатуваат во Маракеш за четвртфиналниот натпревар од Купот на африканските нации против Алжир, доколку не им бидат исплатени сите заостанати бонуси.
Новинарите кои ја следат нигериската селекција во Мароко наведуваат дека играчите побарале Нигериската фудбалска федерација да ги подмири финансиските обврски пред одигрувањето на следниот меч на турнирот. Информацијата ја потврдија и од „BBC“, чиј новинар истакна дека играчите и членовите на стручниот штаб сè уште ги чекаат ветените исплати.
Станува збор за бонусите за победи на четири натпревари против Танзанија, Тунис, Уганда и Мозамбик. Според медиумите, тимот останува фокусиран на натпреварувањето, но зазел јасен и цврст став околу финансиските обврски.
Слична ситуација се случи и во ноември, кога нигериските фудбалери се заканија со бојкот на квалификациски натпревар за Светското првенство против Габон, исто така поради неисплатени средства.
Играчите и дел од официјалните лица го бојкотирале последниот тренинг како знак на протест поради нерешените финансиски прашања.
