ВИДЕО: Нигерија на пенали jа елиминира Јужна Африка и ќе се бори за четвртиот трофеј на АКН

Репрезентацијата на Нигерија славеше по подобро изведување пенали со конечни (1-1, 4-2) над Јужна Африка во првото полуфинале од Африканското првенство на нации и обезбеди настап во големото финале, каде ќе се бори за четвртиот трофеј од континенталното натпреварување. 

  • Извештај од натпреварот: 

Првото полувреме не понуди премногу возбудувања за публиката и заврши со почетните 0-0, а резултатот го отвори играчот на ПАОК, Вилијам Трост-Еконг, кој прецизно стрелаше во 67. минута од пенал. 

Во следниот период Јужна Африка прикажуваше солидна игра, имаше две шанси и делуваше дека не е ривал за потценување. Првата ѕвезда на Нигерија, Виктор Осимен, постигна втор гол за својата селекција во последните минути, но истиот беше поништен поради офсајд. Кога сите помислија дека мечот ќе заврши со конечни 1-0, Јужна Африка доби пенал кој беше прецизно реализиран од Тебо Мокоена во 88. минута, по што двата тима мораа да одиграат дополнителни триесет минути. 

Продолженијата беа полни со внимателна игра на двете страни, иако Нигерија имаше две солидни шанси за решавање на победникот, но изостана реализацијата во клучните моменти. Јужна Африка остана и со играч помалку во 115. минута, но издржа до пенал-рулетот. Нигерија имаше повеќе концентрација во ударите од белата точка, на сцена стапи и голманот Енвабили, а на крајот победата дојде по петтата серија, со конечни 4-2 во пенал серијата. 

Нигерија во дуелот за титулата ќе се соочи со подобрата селекција од втората полуфинална двојка, каде домашната селекција на Брегот На Слоновата Коска ќе го пречека ДР Конго.