ВИДЕО: Нианг херој на Рен во пресврт-триумфот над Ним

Екипата на Олимпик Ним не издржа до крај на тешкото гостување кај Рен и со играч помалку речиси цело полувреме, во финишот капитулираше за пораз од 2-1 на „Роажон Парк“. Средбата од 26. коло од француската Лига 1 беше отворена уште во првата минута, но домаќинот израмни брзо.

На победоносен гол се чекаше долго, а Нианг беше херојот кој со „двострел“ ги освои бодовите. Влатко Стојановски не беше во протоколот кај Ним, за денешната средба против Рен.

Нолан Роукс уште во 33. секунда од мечот погоди за изненадувачка предност од 0-1, откако одигра одлично двојно проигрување со Рипарт. Рен брзо израмни, кога Нианг со многу среќа и две лоши реакции на одбранбените играчи на Ним го измами голманот Бернардони во седмата минута. 

На стартот од продолжението Ним остана со човек помалку, откако Брианкон направи недозволен старт и доби директен црвен картон. Домашната екипа откако остана во бројчана предност на теренот, целосно ја презеде контролата на играта и доминираше во сите сегменти. Ним прејде во целосна дефанзива и ги одбиваше налетите на растрчаните играчи од Рен. 

Сепак, Нианг ги освои бодовите за својот тим кога во 89. минута погоди за пресврт и 2-1. Поранешниот играч на Милан одново се најде во вистинско време на вистинско место и лесно реализираше по нафрлувањето од Траоре.

Фудбалерите на Сент-Етјен во последните секунди од мечот ја испуштија победата на домашниот дуел против Реимс и одиграа реми од 1-1. Средбата на „Жофри Гишард“ долго немаше голови, за во 73. минута Буанга да стрела за домашно водство. Сепак, во судиското надополнување, Диа реализираше пенал за израмнување.

  • Сент Етјен - Реимс:

Дербито меѓу ПСЖ и Бордо се игра вечерва во 21:00 часот на „Паркот на принцовите“.