Ни претстои возбудливо трансфер-лето: Еве кои фудбалери од Премиер се слободни

Уште една фудбалска сезона е пред самиот крај, што значи дека многу фудбалери ова лето ќе станат слободни, и без никакво обештетување ќе можат да ги напуштат сегашните клубови. 

Дека со доведување на слободни фудбалери понекогаш може да се направи одличен потег, доказ за тоа е Јувентус, кој речиси секое лето „пазари“ без оштета, а последните два такви случaи доаѓаат од Премиер лигата. Лани беше „прибран“ Емре Џан од Ливерпул, додека сега договорен е  Арон Ремзи од Арснеал. 

Ова лето голем број на фудбалери од Премиер лигата ќе останат без договори, а меѓу нив има неколку познати имиња. Еден од нив е поранешниот англиски репрезентативец Дани Велбек, кому во јуни му истекува договорот со Арсенал. Таков е и случајот со голманот на Борнмут, Артур Боруч, кој моментално е прво решение за Еди Хоув, пред Асим Беговиќ. 

Дури три имиња би можеле бесплатно да го напуштат Челзи. Давид Луиз, Оливер Жиру и Гери Кејхил сè уште немаат решено каде ќе настапуваат во иднина, а без договор се и ѕвездите на Лестер Сити, Шинџи Оказаки, Дени Симпсон и Кристијан Фуч.

Ливерпул пак, сè тактизира и нема донесено одлука дали ќе им понуди нови договори на Даниел Стариџ и Алваро Морено, а и гигантите од Манчестер исто така имаат фудбалери кои ова лето можат да си заминат бесплатно. Сити може да остане без Компани, додека Јунајтед би можеле да го напуштат Хуан Мата, Андер Херера и Антонио Валенсија. 

Фернандо Љоренте и Микел Ворм се фудбалерите од Тотенхем кои ова лето ќе останат без договор, а Вест Хем најверојатно ќе се раздели со Енди Керол и Пабло Забалета. 

Сигурно, пред нас е уште едно возбудливо трансфер-лето, кое ќе открие кои екипи ќе ги „грабнат“ горенаведените ѕвезди на Премиер лигата.