Ни Интер Мајами, ни Розарио: Ди Марија уште една сезона ќе игра во Европа!

Откако најави дека викендов за последен пат ќе игра за репрезентацијата на Аргентина, Анхел ди Марија ги реши дилемите за својата иднина во клупскиот фудбал. Иако се најавуваше враќање во Аргентина или трансфер во Интер Мајами, Аргентинецот ќе остане во Лисабон.

36-годишниот играч за врска ќе потпише нов договор со Бенфика, пренесуваат португалските медиуми.

Претходниот договор на Ди Марија истече на 30 јуни, но двете страни решија да ја продолжат соработката. Новиот договор официјално ќе биде потпишан по финалето на Копа Америка, во кое ќе учествува и репрезентацијата на Аргентина. 

Минатата сезона во португалскиот шампионат Ди Марија одигра 28 натпревари, на кои постигна девет голови и запиша десет асистенции.