Ни „Д“ од дерби: Моќниот Челзи на чело со Лукаку му одржа лекција на Арсенал (ВИДЕО)

Прогнозите пред натпреварот се остварија. Екипите на Челзи и Арсенал не одиграа ни „Д“ од дерби во рамките на второто коло на Премиер лигата, затоа што момците на Томас Тухел му одржаа фудбалска лекција на големиот ривал и со сигурни 2-0 запишаа нови три бода на своето конто. 

  • Извештај од натпреварот:

Лондонското дерби започна како што посакуваа фановите на „сините“, со рано тресење на противничката мрежа и тоа од страна на најголемото летно засилување, Ромелу Лукаку. Белгискиот ас денес го имаше првиот старт откако за 115 милиони од Интер се врати на „Стемфорд Бриџ“ и по само петнаесет минути игра на додавање на Риз Џејмс ја смести топката зад грбот на Лено, за огромна радост на синиот дел од „Емирати“ (0-1).

Младиот англиски десен бек, кој не доби шанса за докажување на Европското првенство, по асистенцијата за првиот гол, уште еднаш покажа дека сезоната ја започнува во одлична форма и во 35. минута со страотен удар од полудесно го натера германскиот чувар на мрежата на нова капитулација и Челзи веќе се избори за сигурно водство од 2-0.

Единственото возбудување пред голот на европскиот шампион се случи во самиот финиш од првиот дел, кога Сака падна по еден дуел со Џејмс, но судијата Тирни не ја прекина играта и откако доби потврдна информација од ВАР собата, не досуди пенал за Арсенал. 

Ништо не се промени ниту по советите на менаџерите за време на паузата. Арсенал повторно имаше споредна улога на теренот, а Челзи беше тој кој го диктираше темпото и креираше шанси пред домашниот гол.

Артета незадоволен од изданието на Сака и Тирни ги испрати на клупата за резерви и во игра ги внесе Обамејанг и Таварес, но ниту тие не ја донесоа посакуваната промена, односно се вклопија во сивилото на тимот од северен Лондон. Единствената посеризна закана на „топџиите“ во вториот дел ја имаше Холдинг, кој со глава биеше покрај голот на „сините“, додека на спротивната страна Лукаку пропушти голема можност да стави топчка на натпреварот.

Следен предизвик за Челзи е големото дерби со Ливерпул, додека Арсенал пак ќе биде пред големи маки, затоа што ќе гостува кај Манчестер Сити.

Состави

Микел Артета

4-2-3-1

    Томас Тухел

    3-4-2-1